Лицата со попреченост се запознаа со активностите на шест политички партии

Од:

Здружението „Отворете ги прозорците“ денеска одржа две средби на кои шест политички партии ги презентираа своите изборни програми пред лица со попреченост. Од Здружението информираат дека целта била лицата со попреченост да се запознаат со активностите на партиите во насока на поддршка на инклузијата.

На средбите, како што соопштија од Здружението, учествувале Маја Морачанин од ДОМ, Зоран Шапуриќ од ЛДП, Драгана Кипријановска од ДС, Маја Савеска од ВМРО-ДПМНЕ, Мила Царовска од СДСМ и Ермонд Мифтари од ДПА.

Претставниците на политичките партии ги претставиле активностите што планираат да ги преземат ако победат на изборите. Присутните, главно лица со попреченост и нивни родители, ги кажале своите предизвици и повикале најитно да се реши прашањето на здравствената заштита, инклузијата во образованието и лицата со попреченот да добијат квалитетни услуги што ќе им овозможат подобро вклучивање во општеството.

На настанот била промовирана и лесночитливата брошура, изготвена да ги поттикне лицата со попреченост да се вклучат во изборниот процес. Брошурата е достапна на македонски и албански јазик.

Средбите се дел од проектот „Мојот глас се брои“, финансиран од Цивика Мобилитас. Проектот има за цел да обезбеди пристапни и јасни информации на лицата со попреченост во врска со предвремените парламентарни избори 2016 и препораки за надминување на бариерите за нивно учество во процесот.

Здружението „Отворете ги прозорците” е посветено на промовирање пристап до нови технологии за лица со попреченост, овозможувајќи им целосно да ги искористат своите способности.