Коалицијата за промени и правда пред граѓаните на Велес

Од:

Караванот на Коалицијата за промени и правда вечерва беше во Велес. На митингот во салата „Бели Мугри“, Коалицијата ги претстави своите приоритети и ја презентираше програмата.

– Коалицијата за промени и правда е современа, со политички субјекти кои гравитираат и лево и десно и кон центарот и основната. Наша заложба е да се обидеме да ги вратиме вистинските вредности кои се деформирани, рече Јове Кекеновски.

Според него, Коалицијата за цела Македонија нуди плата од 300 евра и минимална пензија од 200 евра. – Овие параметри не се туку така измислени, туку се базирани на реални пресметки и реални препораки од нашите економисти. Некој ќе праша од каде тие пари. Доволно е да ги вратиме во буџетот оние седум милијарди кои се изнесени од Македонмија. Тие ќе бидат доволно за почеток да се обидеме да ги реализираме нашите ветувања, потенцира Кекеновски.

На митингот се претставија и носителот на Изборната единица 4 Слободан Богоевски, како и кандидатот за пратеник од Велес од Изборната единица 3 Жан Мешков.

Носителот на листата во Изборната единица 3 Весна Стојменовска се осврна на младите и проблемот, како што рече, со нивното иселување од Источна Македонија. – Зошто е тоа така, бидејќи нема вработување без партиска книшка. Ние ќе го промениме тоа, ќе ги департизираме институциите и ќе им дадеме еднаква можност на сите за вработување. Критериум отсега ќе биде единствено стручноста и квалитетот на кандидатот, порача Стојменовска.