Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп и локалната самоуправа денеска го продолжија договорот за проектот „Супер Марио“.
Договорот го потпишаа градоначалникот Марјан Ристески и директорот на Домот Ирена Стерјоска. Проектот функционира четири години и чини околу еден милион денари, пари кои се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа.
Градоначалникот Ристески рече дека ова е уникатен проект во Македонија со кој 13 волонтери секој ден се грижат за 100 стари и изнемоштени лица.
– Проектот како идеја произлезе од Денот на идеи од наш сограѓанин. Заедно со Домот за стари лица го разработивме и пред четири години започнавме со негова имплементација. Целта на волонтерите е да ги посетуваат старите лица неколку пати неделно, да им купуваат намирници, лекови, да им плаќаат сметки, да им средат нешто во домот, но и едноставно, да се дружат и да поразговараат со нив. Размислуваме идната година да се прошири овој проект со повеќе средства, да бидат вклучени 20 волонтери и бројката на стари лица кои ќе бидат посетувани да биде 150 или 200, рече Ристески.
