Во Тетово кампања под мотото „И мојот глас се брои“

Од:

Здружението на лица со телесна инвалидност „Мобилност“ од Тетово и Гостивар денеска пред нивните простории, кај спортскиот центар во Тетово организираше кампања под мотото „И мојот глас се брои“.

Тие на минувачите им делеа флаери со кои уште еднаш побараа од надлежните да преземат активности за подобрување на состојбите со оваа категорија граѓани. Најавија дека на трети декември ќе организираат и протестен марш од нивното седиште до зградата на општина Тетово.

– Сакаме на овој начин да го собереме нашето членство и поддржувачи и да покажеме дека и нашиот глас се брои и оти не сакаме да бидеме заборавени. Денешната активност е во пресрет на 3 Декември- Светскиот ден на лицата со телесна инвалидност, изјави претседателот на „Мобилност“ Велибор Јаќимоски.

Тој посочи дека во Тетово и Гостивар со околината имаат околу 740 членови, подлени во седум категории на инвалидни лица со мултиплекс склероза, дистрофија, параплегија, квадриплегија, ампутација, детска парализа и церебрална парализа.

Во рамки на кампањата, членовите на „Мобилност“ посочија на дел од инфраструктурните проблеми со кои се соочуваат додека се движат низ Тетово. Како пример наведоа дека за да пристигнат до седиштето на нивното здружение, тие мораат да се движат по улица, ризикувајќи ги своите животи бидејќи тротоарите се узурпирани од автомобили и трактори на кои се продава зеленчук.