Отсекот за превенција од СВР Куманово и волонтери од општинската организација на Црвениот Крст Куманово, денеска на градскиот плоштад организираа симулациска вежба – укажување на прва помош при сообраќајка.
Показната вежба се организира согласно предвидената програма за работа на СВР и на Црвениот Крст. Скршеница на подлактица е најчестата повреда што може да се добие при сообраќајна несреќа, а показната вежба се однесуваше токму за санирање на оваа повреда.
-Колега од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај по случаен избор запира возач на патничко моторно возило ќе го исконтролира и ќе го замоли да укаже прва помош на повредено лице при сообраќајна несреќа кое што активистите на црвениот крст ја спроведуваат односно се во улога на повредено лице. Секоја година поентата на оваа акција е да се потсетат возачите на моторните возила што е нивната обврска и која е улогата во случај на сторена сообраќајна несреќа. Имаме добра соработка со граѓаните како во овој проект и во сите други проекти што ги работи отсекот за превенција, изјави Горан Маневски, самостоен инспектор за јавен ред и мир пд СВР Куманово.
Возачите избрани по случаен избор активно се вклучија во вежбата, но покажаа и солидно знаење што се однесува до преврска на повредена подлактица.
Вежбата има за цел да ја подигне свеста кај пошироката популација, пред се кај учесниците во сообраќајот за важноста од навремено укажување на прва помош.
