Презентирана програмата на одбележувањето на Денот на албанската азбука во Битола

Од:

Манифестација по повод 22 ноември, Денот на албанската азбука ќе се одржи во Битола во организација на Министерството за култура во соработка со Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор при Владата.

Ова денеска на прес-конференција го истакна државниот секретар во Министерството, Бехиџудин Шехапи, кој рече дека годинава за разлика од претходните очекуваат поголем спектакл. 

– На 22 ноември во Центарот за култура во Битола ќе се одржи гала концерт на виртуозот на виолина Шкeљзен Доли од Виенската фухармонија и оркестарот на Универзитетот на Тирана „Ибрахим Мади“ под диригентство на познатиот Ољси Ќинани, нагласи Шехапи. 

Посочи дека претходно во 16:30 часот во рамки на НУ Музеј на албанската азбука во Битола ќе биде отворена Спомен – собата на Комисијата на албанската азбука, во која се претставени нејзините 11 членови кои во 1908 година, како што рече, одлучиле за оваа нова азбука на Албанците во Македонија.

– Во рамки на владиниот проект потрошени се 7,9 милиони денари за да се обноват внатрешните простории односно Спомен – собата со фигури од силикон на 11-те членови на Комисијата, која ја донела таа историска одлука многу значајна за Албанците не само во Македонија туку и во целиот свет. На 19 ноември првпат ќе бидат отворени обновените простории во Музејот за посетители, истакна Шехапи.

Потенцира дека завчера во Центарот за култура во Битола се одржал концерт на народна и новокомпонирана албанска музика со познати пејачи.