Советниците на денешната 59. седница на советот на општина Куманово ja усвоија одлуката за измена и дополнување на буџетот на општината за 2016 година, кој согласно законските прописи се донесува до 15 ноември во тековна година.
Раководителот на секторот, Ирена Илиевска истакна дека ребалансот се врши поради неколку причини – првата е поради вградување на салдата останати од претходната година по однос на завршните сметки кои влегуваат во буџетот од општината и општинските буџетски корисници за оние средства кои што како дотации доаѓаат од државата и од самофинансирачките активности.
Втората причина, посочи, е да се изврши усогласување со државниот буџет каде беше извршен ребаланс и имаше промени во дотации кои се однесуваа на социјалата, а третата е поради зголемување на донации и проекти за основни училишта.
– Главна причина е поради реализација на буџетот кој може да се види од кварталниот извештај каде вкупната реализација е 60 отсто. Гледајќи ги сите сметки пооделно веќе четврта година општината работи со блокирана сметка, со тековен лимит и поради тоа се врши промена на сите програми, составен дел од буџетот, програми на јавните претпријатија до развојната програма, уредување градежно земјиште, култура…, рече Илиевска.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека секогаш се донесува буџет, кој е нереален и ги отсликува желбите на локалната администрација. Нагласија дека има намалување на даночните ставки што се одрзаува и на кратење на средствата на клучните програми како се оддржување и изградба на улици, канализациска мрежа…
– Буџетот беше предвиден на милијарда и осумстотини милиони евра. Со измените на буџетот во даночните приходи има кратења од 503 милиони на 360 милиони денари, од капитални 199 милиони на 73 милиони. Само приходите од дотации се исполнети, рече Мирослав Стојановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, советниците ги усвоија измените на одредени програми кои беа скратени, како што се оние за оддржување улици, градежно земјиште и на јавните претпријатија.
