Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица денеска ја промовираше едукативната боенка „Загрозени светски видови животни од климатските промени“. Боенката која беше промовирана пред децата од градинката „Детска радост“ – клон 1 ќе биде дистрибуирана и во градинките и основните училишта во Струмица и во населените места Дабиле и Куклиш.
– Бесплатен примерок ќе добијат сите деца од предшколска возраст и прво одделение. Исто така и во другите останати градинки и основните училишта ќе бидат спроведени едукативни работилници. Целта е преку боенката да се запознаат децата, но и родителите, воспитувачите и учителите со загрозените светски видови животни од климатските промени и преку игра и едукација да научат начини како да помогнат за поздрава животна средина, вели Борјана Јанакиева Заева од ЕД „Планетум“.
Боенката е производ на ЕД „Планетум“ во рамки на проектот „Локална кампања против климатски промени“, финансиран од Општина Струмица од програмата Г1- Поддршка на ЛЕР- трансфер до здруженија и фондации од буџетот на Струмица за 2016 година. Во рамките на проектот според организаторите, вклучени биле повеќе целни групи од различни активности.
