Комерцијална банка: Невозможно е вработен во банката самостојно да отвори сеф

Од:

Известувањето од Комерцијална банка АД Скопје во врска со наводна злоупотреба на содржина на сеф во Битола го објавуваме во целост:

„Во поголем дел од медиумите денес беше објавена вест за нов случај на наводна злоупотреба на содржина од сеф во филијалата на банката во Битола.

Досегашните наоди на Внатрешната инспекција на банката укажуваат на правилна примена на интерните процедури и законските прописи. Во првопријавениот случај од 05.10.2016, не се утврдени неправилности во сефовското работење. Досегашните истражувања на второпријавениот случај, не упатуваат на насилно и неовластено отварање на сефот.

Двата наведени случаи се пријавени во МВР/ОЈО, кои согласно законските надлежности ја водат истрагата, а Комерцијална банка во целост соработува со овие органи.

Бидејќи сметаме дека се работи за непотврдени случаи на внатрешна злоупотреба, нагласуваме дека не постои техничка можност овластен вработен во банката самостојно да отвори сеф. Сефовите имаат два клуча од кои едниот е во депото на НБРМ, а вториот кај корисникот на сефот. Согласно законските прописи Банката нема увид во содржината која корисниците ја чуваат во сефовите.

Банката ја исклучува можноста од вмешаност во овие два наводни случаи на злоупотреба, а бидејќи не е исклучено евентуално повторување на вакви или слични пријавувања, банката укажува дека секое лажно пријавување подразбира кривична одговорност“, се наведува во соопштението на Комерцијална банка АД Скопје.