(ВИДЕО) Ременски: Најранливите категории повеќе нема да плаќаат партиципација за здравствено лекување

Од:

Решивме голем проблем за најралнивите категории граѓани кои досега мораа да плаќаат партиципација за здравствено лекување само затоа што фондот за здравствено осигурување и ова министерство си ја префрлаа одговорноста која институција ги издава потврдите. Меѓу првите чекори кои ги презедов е решавање на овој проблем. Иницирав состанок со претставник на фондот за здравствено осигурување и ги усогласивме сите идни чекори во нашето заедничко постапување во врска со овој проблем, рече министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.

– Не постојат законски пречки за ослободување од партиципација на децата со посебни потреби, корисниците на постојаната парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита или во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост без родителска грижа согласно законот за социјална заштита. За таа цел изготвивме и доставивме до центрите за социјални работи осум унифицирани потврди за статусот на корисникот на едно од горенаведените права, рече Ременски.

Министерката појасни дека со тоа обезбедиле поедноставно и поефикасно остварување на правото на ослободување од партиципација, со што се надминале недоразбирањата која институција ги издава потврдите. Таа вели дека сега центрите за социјална работа ќе издаваат потврда во зависност од тоа дали корисникот е здравствено осигуран во министерството или под друг основ.

– Тоа значи дека еден вид на потврда ќе се издава на деца со посебни потреби, корисници на постојана парична помош, лица сместени во установи за социјална заштита или во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост кои немаат родителска грижа, кои како корисници се осигурани од Министерството за труд и социјална политика, во кое ќе биде нагласено дека истите се ослободуваат од партиципација и средства за партиципација и ќе бидат наплатени од МТСП. Вториот вид ќе се издава на оние кои се осигурани под друг основ. За овие корисници, центрите за социјални работи ќе издаваат потврда дека се корисници на конкретното право и дека потврдата се издава за да послужи за ослободување од партиципација за здравствените услуги кои целосно ги покрива фондот за здравствено осигурување, рече Ременски.

Во врска со земјотресите, министерката Ременски истакна дека Министерството за труд и социјална политика ги преземало сите чекори кои се во нивна надлежност во делот на инспекцискиот надзор.

Александар Тодески