Новите дела на Иван Ивановски претставени во Берлин

Од:

Во Галеријата „Прима центар“ во Берлин, вечерва, ќе биде отворена изложбата на уметникот Иван Ивановски насловена “Сува река”.

Иван Ивановски ја пронаоѓа инспирацијата за својата најнова изложба во метафората за Сувата река. Сувата река земена како реминисценција на еден живот и динамика, којашто одекнува како ехо од неговото постоење.

Иако веќе не е активна, нејзините траги остануваат отпечатени на почвата како археолошки доказ за нејзиното постоење и територија на распространетост.

„За да ја долови оваа идејна инспирација и атмосфера, Ивановски ја користи слободата на интерпретација којашто ја дава Роршаховиот тест и креира дела коишто во исто време се апстрактни и фигуративни. Целта не е да се исликаат случки, или пак да се раскажат приказни, туку преку сугестивните пејсажи да се разбуди можноста кај гледачот за своја интерпретација.

Карактеристична нота во работата на Ивановски е раскажувањето на комплексни и слоевити приказни за чиешто раскажување уметникот користи разновидни техники: скулптура, видео анимација, цртеж или слика. Друга карактеристика во неговата работа е анализирање на големи групи и комплексни општествени релации. Сите овие елементи се повторно застапени и во оваа изложба, но посебен аспект е ставен на недофатливото и непретставливото.“, пишува Елена Вељановска, кураторка на изложбата.