Вељаноски удри по опозицијата: Опиени од желбата за власт, сакаат да ја приграбат Македонија

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, денеска од пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на првиот президиум на АСНОМ, во Скопје, повика на единство и обединување, како што кажа, еднакво силно како што денес, на Илиден, е обединета Македонија, а истовремено во говорот за Илинден ја нападна опозицијата дека сакала да дојде на власт на недемократски начин.

– Како прв меѓу еднаквите пратеници – уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија. Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии. Тие не смеат да бидат непријатели и мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел. Македонија е нашата заедничка цел. Предолго народот е заложник на една ваква непринципилена политика, потенцираше Вељаноски осврнувајќи се на политичката криза во својот говор по повод националниот празник Илинден.

Македонија, како што кажа, повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели и под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија. Моќта на граѓаните дадена на избори е под константен притисок и гласот на граѓаните даден на избори е во фаза на континуирана релативизација и обезвреднување, рече тој, додавајќи дека граѓаните излегоа на избори и гласаа и нивната волја е јасна и недвосмислена.

– Сепак наспроти сé, денес овој основен демократски постулат е под закана. Во жарот на политичката битка, опиени од желбата за власт – за жал постојат личности кои на грбот на народот настојуваат да ја приграбат Македонија. Мораме да бидеме јасни и недвосмислени и да кажеме: Доста е! Македонија не беше градена за да се растури, истакна Вељаноски.

Сите обиди за релативизирање на волјата на народот, додаде тој, ниту имале, ниту имаат ниту некогаш ќе имаат некаков успех и тие се осудени на пропаст и осуда. Тие, потсети, се осудени на пропаст и на осуда, а историјата е најдобриот судија за секого и за сé.

– Да не си помисли некој дека може да избега од судот на народот. Наследството на секоја личност која добила одговорност да работи за народот е предмет на оценка токму од народот! Порано или подоцна, смета Вељаноски.

Да престанеме, рече тој, да го тормозиме народот и да направиме сé, оваа криза во која е втурната Македонија, да заврши што поскоро, да му го вратиме мандатот на народот, кој е единствениот праведен судија.

Претседателот на Собранието повика, обединети зад делото на сите македонски херои, уште посилно заеднички да ја градиме Македонија.

Единството, рече тој, е нашиот заеднички именител, заеднички стремеж и тоа е следна битка која мораме да ја добиеме.

Членството во НАТО е нашиот најголем приоритет, а нашиот нов Илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во ЕУ.

– Свесни сме за консталациите кои се причината за овој наш застој, заради што продолжуваме и со напорите за надминување и на последната пречка за наше целосно интегрирање во Алијансата. Продолжуваме со разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот проблем со нашето уставно име. Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција, рече тој.

Во однос на ЕУ, Вељаноски посочи дека таа не е совршен, но е најдобриот проект за Македонија. – Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик, потенцираше тој.