Истакнатиот холандски писател Гербранд Бакер гостува во Скопје

Од:

Издавачкиот центар „Три“ во Скопје е домаќин на истакнатиот холандски писател Гербранд Бакер. Гостувањето се одвива во рамките на Летниот фестивал на книгата во „Три“. Промоцијата на првото македонско издание на романот на Бакер, „Горе е тивко“, ќе се одржи во „Јавна соба“, вечерва во 19 часот.

Романот „Горе е тивко“ од Гербранд Бакер е првото дело на овој значаен автор кое е преведено и објавено во Македонија, а целиот проект на изготвувањето на книгата е поддржан од Европската унија. Станува збор за спокојно раскажана приказна под чија површина вријат страсти и неспокојни размисли за вината и личната одговорност.

Гербранд Бакер е роден 1962 г. во Вирингервард. Студирал лингвистика и книжевност на Универзитетот во Амстердам. Титлувал филмови и емисии за холандски телевизии и пишувал колумни за неделникот „Де гроне Амстердамер“.

Во 2006 се стекнал со работна дозвола за градинарство, неговата втора љубов. Автор е на драми, песни, сценарија, романи и книги за деца, од кои најпознати се „Крушата цвета бело“, „Јуни“ и „Обиколка“, што ја освои наградата за преведена проза на британскиот дневник „Индипендент“ во 2013 година.