Георгиевски: Знам компромитирачки пикантерии за Груевски

Од:

За Љубчо Георгиевски,  ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја формирал во деведесетите денеска стана сопствена карикатура.

„Јас сметам дека денешното ВМРО,  е мој личен пораз, тоа е иделологија којашто не постои, тоа е партија која лажно се претставува и едноставно се чувствувам одговорен таа позиција на ВМРО-ДПМНЕ да ја разобличувам до крај“, вели Георгиевски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Тврди дека Македонија оди во тотално погрешен правец по сите три или четири основни елементи на суштествувањето на една држава, тоа е демократијата, тоа е меѓународната политика, тоа е економската состојба, а за жал во последно време и мултиетничките состојби во Македонија. Смета дека владата која денес ја води Република Македонија, не само што води погрешна политика, туку таа го трасира патот на нашата држава кон една поголема катастрофа и тоа се единствените мотиви.

„За луѓето од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска раководат со него, знам многу лични работи и многу пикантерии, меѓутоа не сакам и не е тоа мој стил и не сакам да одам во таа насока, освен ако директно не бидам нападнат и тогаш ќе мора да вратам со конкретни настани. Ќе ве потсетам за жал само на еден последен напад на господинот Бошковски, кога се обиде да ме нападне, па враќањето мислам му беше многу непријатно“, одговара Георгиевски на прашањето дали има информацииза актуелниот премиер , кои можат да го искомпромитираат.

„Бидејќи сите не претркуваат, значи најверојатно и Албанија и Србија ќе влезат пред нас во ЕУ, еден ден може да ни се случи и Косово да влезе во ЕУ пред нас, така што најверојатно ќе бидеме сведоци сите тие држави да ни поставуваат сопствени услови, затоа што очигледно ќе останеме на крајот на возот, според начинот на кој го решаваме проблемот“, вели Љубчо Георгиевски.

Во оваа коалиција по прашањето за спорот за името, вели,  има различни ставови, има потврди ставови, има помеки ставови. Позицијата на ВМРО-Народна партија е најотворена, најлиберална по тоа прашање, вели Геогиевски.

Ние тоа прашање досега не сме го отворале, ниту пак сакаме да си го наметнуваме прашањето едни на други што треба да правиме и јас во таа насока можам да зборувам само за позицијата на ВМРО-Народна партија, затоа што прашањето е премногу специфично. Нашата позиција по тоа прашање е многу јасна, дваесет години се занимаваме со оваа работа, дваесет години гледаме дека не можеме да го решиме проблемот на овој начин. Македонија не може да се дозволи уште 20 или уште 40 години да се влече во оваа состојба и за мене ситуацијата е јасна. Не е во прашање само позицијата на Грција, тука е позицијата на сите земји членки на ЕУ и позицијата на сите членки на НАТО. И НАТО и ЕУ денеска ни велат – компромисот со името е прашање број еден кое треба да го затворите. Јас многу пати по тоа прашање отворено зборувам и сега сметам дека оној политичар кој сака одговорно да се однесува кон својата држава, треба храбро да влезе во решавањето на овој проблем. Манипулацијата со името значи нешто рејтинг повеќе, уште еден изборен циклус, меѓутоа ја водите Македонија на патот на катастрофата“, изајви Георгиевски во интервјуто за Радио Слонодна Европа..

Црвените линии за Георгиевски се оние кои досега се добро исцртани – македонскиот јазик, прашањето на македонската нација.

Според него основната работа од којашто треба да се почне е што владата на Република Македонија конечно треба да пресече за кое име разговара, за која додавка, дали за Горна или за Северна.

„Веќе нема проект размена на територии, сега има учете албански јазик ако сакате да имате иднина во Република Македонија. Тоа го зборувам неколку пати, тоа го зборувам и симболично, меѓутоа сметам дека и релано е така. Мислам дека еден од најголемите хендикепи на македонскиот народ во оваа заедничка држава е што Албанците ни го знаат јазикот, а ние не им го знаме. Тоа е реалноста. Ние мора да се навикнеме да живееме со Албанците, ние мора да се однесуваме многу потолерантно, ние мора да знаеме дека секој споменик изграден на лажна приказна прави иритација кај Албанците и за жал не прави иритација само кај Албанците. Јас сметам дека ние ги изгубивме Торбешите, Македонците Муслимани, во моментот кога почнавме да ја раскажуваме приказната за античка Македонија, затоа што и тие се најдоа негде навредени во таа приказна. Мислам дека полека, полека ќе ги изгубиме сите внатре етнички заедници раскажувајќи приказни за нашето славно измислено минато, а притоа не гледајќи дека демографијата не топи како народ и како нација. Едноставно сметам дека ние живееме во една хипноза и колку побргу се разбудиме од таа хипноза ќе ни биде подобро“, изјави Георгиевски.