Викенд на Гордоста денеска ќе биде одбележан со предавање на Ана Мишковска Кајевска и перформанс на Ваџинал Дејвис, иницијатор на хомо-кор панкерското движење и родово-квир уметничка и музичка икона.
Ана Мишковска Кајевска е истражувачка, преведувачка и активистка. Придружна членка е на одделот за политички науки на Амстердамскиот универзитет. На истиот универзитет се стекна со докторат од општествени науки и магистратура (cum laude) од социологија и родови студии. Минатата година, нејзината докторска дисертација ја доби наградата за најдобра дисертација од областа на родот и политиката што ја доделува Европскиот конзорциум за политички истражувања.
Кајевска се осврнува на тоа дека Македонија ја декриминализира машката хомосексуалност во 1996 г. (женската никогаш не била криминализирана), но дури шест години подоцна, во 2002 г., ќе биде основана првата невладина организација што ќе ја критикува хетеронормативноста и ќе се залага за правата на нехетеросексуалните лица. Денес во Македонија постојат шест регистрирани невладини организации што директно и јавно работат на подобрување на општествената положба на ЛГБТ лицата. Во ова предавање, кое е засновано на истражувањето што го спроведов минатата година, ќе го претставам историскиот развој на ЛГБТ активизмот во Македонија, постигнатите успеси, како и некои од дилемите со коишто тој се соочува.
Од 21 часот во Кино култура свој перформанс ќе има Ваџинал Дејвис, иницијатор на хомо-кор панкерското движење и родово-квир уметничка и музичка икона.
Нејзините концептуални бендови, меѓу кои Pedro Muriel и Esther, Cholita! The Female Menudo, црно знаме и The Afro Sisters оставија трајно влијание врз развојот на андерграунд музиката. Како Рон Ати, г-ца Дејвис ја изгради својата кариерата во клупската изведувачка сцена на Лос Анџелес, и создаде слична репутација како културен антагонист и еротски провокатор. Дејвис е плодна продуцентка на клупски перформанси, видео и фотокопирани списанија (zines) како и други форми на антагонистички евтини дела од суштинско влијание. Ваџинал Дејвис е клучна поборничка на подривачката перформативна естетика позната како терористички дрег.
Сасафрас, Сајпрес и Индиго блек скрин имиџис и (е)мотивниот Поим на фрикството е изведба-предавање на Ваџинал Дејвис – меѓународно почитуваната интерсексуална доајенка на интермедиумските уметности и науки. Таа го крева јавниот дискурс на тринаесеттиот степен на дементност додека го објаснува квир и блатино искуството на сопствен начин што не се имитира, создавајќи нови зборови од магла и, како бик во стакларијата на Мадам Мау, растура и гази по претставите за пристојноста и стварноста.
„Викенд на гордоста“ е во организација на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и ЛГБТИ-Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет.
Партнери на овогодишниот Викенд се Младинскиот образовен форум – МОФ и Кино Култура (Локомотива). Поддржано од Амбасадата на САД и Амбасадата на Франција.
Носечката идеја на годинешниот „Викенд на гордоста“ е СОЛИДАРНОСТА. Целиме кон подобар, поинаков свет, во кој гордоста и слободата се слават, а се става крај на хомофобијата и насилството, соопштуваат од ЛГБТИ-Центарот.