Деветтото издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“ во чест на Дејвид Боуви

Од:

Годинешното издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ ќе се одвива во чест на британската музичка легенда, Дејвид Боуви.

Под наслов „Скопје за Боуви“, на 23 јуни во Градскиот парк во Скопје, во 21 часот, под диригентската палка на Емин Џијан и во негова оркестарција, Македонската филхармонија ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп-уметник на сите времиња – „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“, „The Man Who Sold The World“ и уште многу други незаборавни композиции. Во изведбите ќе учествува и бенд, како и Женскиот хор при МКЦ.

Сликарските платна ќе ги обојат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а за фановите на британскиот пејач ќе бидат поделени 20 илјади бесплатни примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган.

Книгата зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидува да најде некој клуб во Лондон, каде што ќе може да свири. Мери Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и ни дава директни сведоштва за периодот на Боуви за кој досега сме знаеле многу малку.
Книга за едно момче коешто експериментира со ЛСД, со алкохол, и што на својата прва песна ѝ дава наслов „Space Oddity“. Што понатаму се случува со неговата кариера, на сите им е познато.

Настанот е финансиски поддржан од Минстерството за култура, Град Скопје и Македонски Телеком.