Величковски: За решение на кризата треба минимум реформи, па потоа датум за избори

Од:

Обидувајќи се да го задржат процесот во истиот формат на преговарање и приоритети, четворицата претседатели и дипломатските претставници се внесуваат во „зачараниот круг“ на преговарање обврски што веќе се виде дека не се остварливи во краток рок и со „техничка“ четворна влада. Објективно речено – денес ниту една обврска не е темелно спроведена, а Извештајот на Прибе веќе фати дебел слој прашина. Ако им беше целта да се оди на избори во вакви услови, и 24 април, и 5 јуни и октомври/ноември 2016 како датум за избори се исто залажување дека нешто формално е направено, а во праксата нема услови за слободни и кредибилни избори, оцени претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски на неформалната средба со локалното раководство во Прилеп.

– Јавноста очекува средба на потписниците на Пржинскиот Договор. И самата најава на средбата ги покажа разногласијата околу целите и приоритетите на секој од нив. Тоа е разбирливо, бидејќи продолжува употребата на кризата за решавање на внатре-партиските проблеми. Без ангажман на дополнителни страни во решавањето на кризата, и партии, но особено и граѓански сектор, се враќаме на состојба од јуни 2015, нагласи Величковски.

Размената на оценки и мислења за прашањата од локален и национален карактер беше целта на средбата, на која претседателот на Општинската организација на ЛП – Прилеп, Златко Граороски се согласи дека е потребно време и за потребните реформи (особено) во изборното и медиумското законодавство, но и за создавање услови за функционирање на Специјалното јавно обвинителство:

– Прилеп ги препознава предлозите на Либералната партија како промислен и темелен излез од кризата. Потребна е (либерална) политика, а не само партиска и блоковска поларизација.