Познатата француска актерка Астрид Ветнал гостинка на „Охрид Филм Фест„

Од:

Познатата француска актерка Астрид Ветнал, која ја игра главната улога во филмот на Рашид Бушареб „Пат за Истанбул“, денеска пристигнува во Охрид.

Вентал играла и во филмовите на Копста Гаврас, Клод Лелуш, Беноа Маријаж и Леспер, а се прослави со политичката тв-серија „Црниот барон“. Во 2014 е номинирана за наградата „Магрит“.

Нејзина најзабележлива улога е во филмот „Патот за Истанбул“ на Рашид Бушареб, во кој таа игра самохрана мајка чија ќерка заминува за џихад во Сирија и која решава да ја најде и да ја врати во Белгија.

Астрид Ветнал вели дека овој филм е многу потребен и со многу страст зборува за нејзината силна улога. Францускиот режисер со алжирско потекло, кој последниве години ги освојува сите награди на светските фестивали, беше поканет во Охрид со овој филм кој премиерата ја имаше на Берлинскиот фестивал, но тој моментно снима друг филм.

Публиката ќе може да ја сретне Астрид Ветнал која вели дека нејзиниот лик во филмот е целосно аполитичен и дека се работи само за една мајка која открива дека нејзиното дете не е таму каде што треба да биде.

Инаку Астрид Ветнал е второ големо име од светот на филмот што е гостин на фестивалот. На отворањето на „Охрид Филм Фест“ гостин беше и познатиот Лазар Ристовски, на кого му беше доделена наградата за извонредниот придонес во балканската кинематографија.

Фестивалот беше отворен со филмот „Од другата страна“ во кој главната улога ја имаше Лазар Ристовски. На прес-кон ференцијата, Ристовски му даде поддршка на фестивалот и рече дека фестивалите никогаш не се доволни, секогаш има место за уште еден.

-Се радувам што стартува еден ваков фестивал и директорката на „Охрид Филм Фест“, Сунчица Уневска ќе ја има секогаш мојата поддршка, рече Лазар Ристовски.

Фестивалот на ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ и денеска продолжува со прикажување на филмови од кратката програма „Видици“ кои што се прикажуваат Охридската филмска школа – ФИОФА.

На Фестивалот ќе бидат прикажани 44 кратки филма меѓу кои се пет македонски.

Главната програма започнува во 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ со филмот „Би сакала да се измие дождот“ на Ѓилтен Таранч од Турција. Во Турција, најмалку три жени секој ден се убиваат од нивните сопрузи, бивши сопрузи или бивши љубовници. Четири од десет жени страдаат од физичко насилство. Филмот е за Гемзе, која е убиена од нејзините родители.