Комеморација за Владимир Ангеловски – Дади во Драмскиот театар

Од:

Денеска во Драмскиот театар во Скопје ќе се одржи комеморација за доајенот на македонското актерство, Владимир Ангеловски – Дади, кој по кратко боледување почина на 66 годишна возраст.

Погребот ќе се одржи во 12 часот на градските гробишта „Бутел“.

Неговите професионални почетоци се во Радио драмата, додека за првпат на театарската сцена зачекори во 1962 година со улогата на Оливер Твист, во режија на Димитрие Османли.

Прва претстава во Драмскиот театар му е „Принцот и просјакот“ од 1966 година, а негови поважни проекти се  познатата трилогија „Чук, чук Стојанче”, „Баш челик” и „Шекспир во приказни”, сите три во режија на Коле Ангеловски.

Јавноста се сеќава на  Дади и по антологиската улога на Итар Пејо во „Солунските патрдии”, Климе во „Викенд на мртовци” и во уште многу театарски, филмски и ТВ улоги.

Понатаму следуваат улогите во филмовите „Солунски патрдии” , во режија на Коле Ангеловски, „Калигула” во режија на Миле Гроздановски, како и „Рибарски караници”, „Мефисто” и „Дунек”. Тука се и сериите: „Агенција осамени срца”, „Училиште за кловнови”, „Трст виа Скопје“ и други.

Препознатлив знак за Дади беше и радио-телевизиската програма „Хихирику”.

Владимир Ангеловски – Дади е роден на 22 мај 1946 година  во Скопје.