Николовски со нови обвинувања за „јапонската помош“

Од:

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска повторно обвини дека повеќе од една недела актуелниот министер Михаил Цветков и неговиот претходник Љупчо Димовски молчат за случајот „јапонска помош“ и за договорот со Фактор Консалтинг.

– Министерството преку соопштение потврди дека е формирана комисија. Токму тааа комисија во извештај доставен до министерот констатира дека од сметката на компензацискиот фонд се повлечени стотици илјади евра без покритие, вели Николовски.

Во соопштение до медиумите тој потсетува дека јавно презентирал нови докази од кои, како што наведува, се гледа дека од 2011 до 2016 година во фондот се наплатени 50.714.186 денари.

– Согласно договорот кој беше доставен до јавноста, Фактор Консалтинг покрај месечниот паушал ќе наплати и износ од 4,5 отсто од вкупниот износ, 2.282.138 денари. Но, од сметката на Јапонскиот фонд се исплатени шест пати повеќе пари или точно 12.402.378 милони денари, посочува дополнителниот заменик-министер, упатувајќи ги повторно прашањата: како може од сметка на Министерството што е наменета за прибирање стрaнска помош за развој на земјоделството некој да повлече стотици илјади евра без покритие и како може да се исплаќаат овие средства од сметка која е строго наменска и може да се користи само за намена за револвинг набавка на земјоделска механизација.

Николовски уште еднаш бара „Владата веднаш да издвои средства за покривање на загубите во фондот со што би се овозможило користење на овие неповратни пари“.