(ВИДЕО) Поповски: Нефункционални институции за удар врз економијата

Од:

Гледајте кои луѓе ги водат ресорите, помилувани луѓе, луѓе тотално дискредитирани поради тоа што го правеле во својот мандат, луѓе кои никој не ги познава. Сето тоа го поткопува идниот економски раст, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како влијае политичката криза врз економијата во Македонија?

Политиката секогаш влијае врз економијата. Во моментот кога политиката доживува колапс, општата политичка состојба како сега во Македонија, криза, недоверба, немање институции, надолни движење, тогаш логично дека тоа се прелева, не само во економијата, но можеби најмногу во економијата. Прво, внатрешниот пазар е дестабилизиран, штедењето е дестабилизирано, луѓето се плашат да штедат, инвеститорите уште помалку се спремни штедењето на граѓаните кое постои, преку банкарскиот систем, да го претворат во свои инвестиции. Ќе застане или ќе се намали штедењето, ќе се намалат инвестициите, што значи дека ќе почне да омалаксува економската динамика која и онака е ниска, 2-3 отсто за Македонија не е ништо, странските инвеститори ќе бидат уште попретпазливи, особено овие што се гринфилд странски инвестиции, портфолио инвестиции.

Дури и финансиските пазари кон Македонија ќе бидат многу попретпазливи, дали да ѝ се позајмува на Македонија, во институционалните инвеститори, Светска банка, ММФ, Европска банка итн. Видете, во последните три-четири месеци на мала врата ни поминаа неколку странски инвестиции, не во Македонија, туку македонски инвестиции во странство. Ние веќе имаме одлив, во здравството имаме одлив од 100 до 150 милиони долари во Бугарија, тоа е знак дека некој својот бизнис го гледа во странство, тоа е голем одлив на девизи од Македонија, уште неколку ќе слушнете во медиумите дека некој сака да отвори фабрика во Бугарија, Србија, во Косово, што е тоа?

Тоа е еден од сериозните знаци, ако домашниот пазар не ви е добар, бегате со капиталот во странство. Е сега замислете странци со свој капитал во Македонија, што значи дека економијата многу ќе трпи од политиката. Институциите не функционираат, регулацијата на макроекономијата во сите држави од светот е институционална, институциите што ја регулираат стануваат нестабилни, гледајте кои луѓе ги водат ресорите, помилувани луѓе, луѓе тотално дискредитирани поради тоа што го правеле во својот мандат, луѓе кои никој не ги познава, ДУИ внесе пет-шест министри, релативно млади луѓе без никаков бекграунд, Народната банка почна да се дискредитира како институција, гувернерот веќе ја нема позицијата на општо прифатен, како што беше на почетокот, гледам веќе и во стручните кругови има дебати дали добро ја води, значи дискредитирани институции. Значи, тоа сè го поткопува идниот економски раст.