Општина Центар, по единаесетти пат, заедно со Делегацијата на Европската Унија го организираше хепенингот по повод Денот на Европа.
Заеднчика порака од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, и од евроамбасадорот, Аиво Орав и од сите 300 ученици од седумте основни училишта во општината е: Иднината на Македонија е во Европската Унија.
Евроамбасадорот Орав не го криеше своето воодушевување од атмосферата и талентот на сите учесници.

“Ова е навистина прекрасно и импресивно. Ќе имаме тешка задача да ги избереме најдобрите оратори, уметници, танчари и пеачи. Мојата порака до сите вас е дека Вашата иднина е во Европската Унија, а ние сме тука да ви помогнеме во тоа“, рече Орав.
Градоначалникот Жерновски посочи дека оваа манифестација е една од најдобрите кои ги организира општина Центар и на која сите се радуваме.

“Заедничкото европско семејство е сон за мир и толеранција и ние треба сите заедно да направиме повеќе од она што денеска го правиме, за да можат нашите деца да го добијат она што го заслужуваат, да живеат во земја која е дел од заедничкиот Европски дом“, рече Жерновски.
Градоначалникот изрази посебна благодарност до евроамбасадорот и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, за поддршката за Европскиот хепенинг и како што рече, посакува еден ден, Денот на Европа и Македонија да го прославува како земја-членка на Унијата.
Децата од седумте училишта пееја и играа на безвременските Европски хитови од различни земји, ги цртаа главните градови на сите 28 земји членки на ЕУ, а учениците оратори настапија на тема “Што може Македонија да придонесе во Европската Унија“.
