Пред полната сала на киното Фросина, вчера вечер се одржа прогамата Македонска продукција, во рамки на која, премиерно се прикажа краткиот филм „Борба за смрт“ на режисерката Елеонора Венинова. Актерите Мите Грозданов, Илија Струмениковски, продуцентот Гоце Кралевски и режисерката се заблагодарија на публката и на екипата на филмот, кој се снимал во август 2015 на локации во Мариово.
Пред проекцијата на филмот „Мојот крал“, вчера вечер, во киното „Миленум“, амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер се обрати пред публиката и се заблагодари на Скопје филм фестивал и на директорката Татјана Јаневска, што фестивалот годинава ја селектираше програмата Фокус на францускиот филм.
– Ние во Франција создадовме Фонд за поддршка на филмови од различни светски кинематографии, меѓу кои и од овој регион. Со развојот на тој Фонд, се надевам дека многу скоро и македонски филм ќе може да го понесе логото на овој Фонд – рече амбасадорката Оер.
Придружната програма на Скопје филм фестивал, денеска е во знакот на Мастер клас/работилницата за експериментален филм со шведскиот режисер Карл Абрахамсон, кој заедно со дел од актерската екипа од неговиот филм, е гостин на Скопје филм фестивал. На програмата Авторски филм, вечерва, во кино „Фросина“ ќе биде прикажан филмот „Неми усни“ (2016) на Карл Абрахамсон.
Скопје филм фестивал за утре, 30 април (сабота) заедно со програмта во „Милениум“, најавува и проекција на филмот „Вита Актива, Духот на Хана Арент“, во кино „Фросина“, со почеток од 19 часот, по што во соработка со Кино Контра кадар ќе се одржи дискусија на тема „Како се банализира злото“, на која ќе учестува проф. Мирјана Најчевска, а модератор ќе биде Слаѓан Пенев.