„Музиката не познава граници“, со овој музичко сценски перформанс, учениците од основните училишта од Центар, беа дел од меѓународната манифестација по повод Светскиот ден на детето, која се одржа во Истанбул.

По враќањето во Скопје, тие на градоначалникот општина Центар Андреј Жерновски, му ги пренесоа своите впечатоци, доживувања и му изразија благодарност што им го овозможи ова незаборавно патување и можноста да бидат учесници на ваков престижен настан.

Организатор на овој 23-ти по ред фестивал е општината Бијоглу од Истанбул, која е збратимена со општина Центар.
Градоначалникот на општина Бијоглу Ахмет Мисбах Демиркан оствари официјална средба со претставниците на општина Центар и со децата-учесници на фестивалот. На средбата беа разменети искуства за функционирањето на двете збратимени општини Бијоглу и Центар. Градоначалникот Демиркан не го криеше своето воодушевување од настапот и евидентниот талент на учениците од Центар. На музиката и танцот на децата од Македонија, потпевнуваше и громогласно ракоплескаше многубројната публика од Турција и гостите од странство.

Општината Бијоглу ја покажа традиционалната турска гостопримливост, организирајќи им на децата незаборавни доживувања и посети на повеќе културно-историски знаменитости и забавно-туристички атракции.

„До година доаѓаме повторно“, им порачаа децата од Центар на своите нови пријатели од Бијоглу.

