Владата повторно ги укина одлуките на Спасовски и на Ременски

Од:

Владата пред два дена донела нова одлука со која ги укинува новите одлуки на министерите од СДСМ во ресорите внатрешни работи и труд и социјала, Оливер Спасовки и Фросина Ременски. Овој пат владата донела и посебна одлука со која има забранува на овие министри да носат и потпишуваат било какви одлуки ако тие не се потпишани и од дополнителните заменик-министри од ВМРО-ДПМНЕ. После овој потег на Владата во СДСМ размислуваат комплетно да ги повлечат министрите, но така одлука се уште не е донесена.

Новата одлука Владата ја донела на седница што се одржала во четвртокот ноќта, откако во вторникот министрите на СДСМ одново ги донесоа сите решенија што Владата претходно им ги поништи.

Од СДСМ велат дека со ова комплетно се парализира работата на министрите од нивните редови, а во однос на одлуката однапред да се забрани носење на нови решенија, велат дека е спротивна на правната регулатива.

Од Владата нема објаснување врз основа на која законска одредба однапред им се забрани на министрите од СДСМ да носат и потпишуваат било какви одлуки.

Со Договорот од Пржино беше предвидено министерствата за труд и социјала и за внатрешни работи да ги водат луѓе од опозицијата. Дополнителните заменици од власта имаат право на вето за прашања поврзани со изборите, а за ветото според Законот за влада треба да решава Државната изборна комисија, но оваа одлука во пракса ја презеде Владата.

Двајцата министри и тројцата заменик-министри од СДСМ поднесоа оставки од овие функции минатата недела пред распуштањето на парламентот, но нивните оставки не беа констатирани.