Претседателот на Европските либерали и демократи, Ханс Ван Баален (Hans van Baalen), кој е воедно и пратеник во Европскиот Парламент, силно го осуди чинот на помилување, објавен од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за сите политичари инволвирани во скандалот со масовното прислушкување, кој предизвика длабока политичка криза во општеството. Македонија навлезе во силни политички превирања по објавувањето на дел од прислушкуваните материјали во 2015. Македонскиот претседател со својата еднострана одлука ги запре и истрагите за сомневањата за злоупотреба на службената положба откриени преку објавените прислушкувани разговори, притоа изјавувајќи дека одлуката за ваквата негова постапка е „да стави крај на оваа агонија за Македонија“.
Коментирајќи ја постапката на Иванов, претседателот на Европските либерали и демократи го изјави следното:
„Помилувањата на Македонскиот претседател Иванов за политичарите инволвирани во аферата со прислушкувањето, претставува флагрантно кршење на договорот од јули 2015, постигнат со посредство на ЕУ“.
„Специјалното Јавно Обвинителство мора да биде во позиција целосно и независно да ги спроведе сите истраги во нивна надлежност, и никакви помилувања не треба да се даваат. Европската Унија мора да стави јасно до знаење дека Иванов треба веднаш да ја повлече својата одлука“.
Потегот на Иванов беше најостро осуден како од македонската опозиција, така и од официјалните претставници на ЕУ.