ДОМ денеска ги обвини владејачките партии за манипулации со Избирачкиот список и за, како што наведува, наметнување двојна реалност во јавноста.
Според партијата, не е проблем само правото на глас, туку и кој го користи тоа право, дали лицето кое е во странство или некој друг тука, во Македонија, во негово отсуство.
– Наместо бројката од над 300.000 сомнителни гласачи што ја утврди ДИК со консензус, синоќа објавуваат дека „само“ 110.000 спорни гласачи ќе се проверувале теренски, стои во соопштението и се додава дека тоа е најблаго речено – непристојно тоа што 340.508 гласачи или 19 отсто од вкупниот број се спорни, а се тврди дека во Избирачкиот список нема ниту еден фантомски гласач.
За ДОМ, „особено интересно е инсистирањето на дел од ДИК воопшто да не се проверуваат 124.027 гласачи, кои ги нема во ниту една институционална база, па се заклучило дека се веројатно иселени граѓани, но со право на глас“.
– Никој не смее да го потценува интелектот на граѓаните и нивното најмалку елементарно познавање на математиката. Бројките се тука, никој нема право да си игра со нив и селективно да ги објавува, велат од ДОМ.