Гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство, а не оние кои живеат на онаа или оваа адреса. СДСМ се обидува вештачки да создаде привид дека има некаков хаос и неправилности во Избирачкиот список се со цел да си создадат алиби за својот неуспех затоа што се свесни дека мнозинството граѓани не сакаат да гласаат за нив. Тие не може да се соочат со тоа и да излезат пред нивното членство и да кажат дека изборите ги изгубиле чесно, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Посочи дека основен и единствен услов некој да гласа на изборите е да е државјанин на Република Македонија и оти дали живее на едно или друго место е друго прашање, исто, како што рече, како што е и друго прашање дали навреме ја пријавил адресата.
– Овој гласачки список со адресите во него е истиот во последните 20, 30 или повеќе години. Отсекогаш во Македонија имало лица кои ги менувале адресите, а не ги пријавувале и тоа не е некакво кривично дело. Но, тоа во овој случај се злоупотребува од страна на СДСМ. Кривично би било доколку едно лице гласа на две места, но во овој случај немаме таква ситуација, само имаме дека некој граѓанин се преселил од едно на друго место, а не ја пријавил адресата во МВР најчесто затоа што и не знае дека треба да се пријави.