(ВИДЕО) Спасовски: Продлабочена соработката со Словачка за мигрантската криза

Од:

Чест ми е денеска што заедно со нас е премиерот на Република Словачка заедно со министерот за внатрешни работи на Република Словачка. Со тоа уште еднаш ја изразуваат подршката за Република Македонија и продолжувањето на добрата соработка којашто ја имаме, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

За Македонија е исклучително важно да имаме јасна и прецизна одлука од земјите членки на Европската Унија за тоа колку мигранти дневно ќе може да бидат примени на нивна територија за да можеме да го намалиме притисокот којшто го имаме на границата со Грција.

Од исклучителна важност е да обезбедиме хуман третман за овие луѓе, да имаат хуман прием, меѓутоа не помалку важно е да ги заштитиме и македонските полицајци и македонските граѓани.
Знаете дека пред два дена се случи повреда на еден полицаец, заради тоа што имавме ненавремено информирање во однос на режимот на проток на мигранти. Затоа апелираме меѓусебната соработка и координација којашто ја имаме со државите од регионот да навистина биде во таа насока да имаме јасни и прецизни одлуки.

Благодарност уште еднаш до земјите од Вишеградската група за се што помагаат во справувањето со оваа криза и очекувам дека оваа соработка ќе продолжи понатаму и ќе се продлабочува се со цел заедно да си помогнеме сите држави.

Македонија е подготвена да ги почитува сите одлуки на Европската Унија иако не е членка на Европската Унија, меѓутоа сметаме дека иако не сме проблем во оваа мигрантска криза, треба да бидеме дел од решенијата.