Латас им се извини на Турците

Од:

Главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ – Латас, синоќа во вториот дневник на телевизијата им се извини на сите Турци, за тоа што во текот на интервјуто со лидерот на СДСМ, во вестите во 19 часот, на Зоран Заев му се обрати со зборовите „Лажеш како Турчин“.

– Мој гаф во текот на дневникот. Се извинувам на сите Турци поединечно, како и на турската нација и на турската држава. Сметам дека и турскиот народ и турската држава се големи пријатели на Република Македонија, особено во поново време, нивните граѓани во Република Македонија се лојални и продонесуваат за сите позитивни процеси во државава и затоа жалам и се извинувам на секој Турчин кој се чувствувал навреден и ветувам дека тоа никако не може да се повтори, бидејќи тоа не е ниту мој став, ниту убедување. Едноставно е мој гаф – рече Латас.

Неговото извинување следува по острите реакции на турските партии, невладини организации на Турците, како и на други претставници на турската заедница во Македонија, кои побараа извинување од Латас, во спротивно повикаа на бојкот на телевизија Сител и се заканија со тужба за навреда.