Груевски: Средбата со Бајден е потврда на стратешкото партнерство со САД

Од:

Средбата со американскиот потпретседател Џозеф Бајден во понеделникот вечерта мина во пријателска атмосфера и претставува уште една потврда на стратешкото партнерство со САД, рече во вторникот попладнето во Велес, премиерот Никола Груевски ,оценувајќи ја како одлична целокупната посета на Вашингтон.

„Гледам дека некои од македонските медиуми, и опозицијата особено, се занимаваат со технички моменти, како кој ја побарал средбата, дали јас сум побарал средба, дали Бајден, кој ја организирал средбата, што организирал… Јас повеќе би зборувал за суштината, а суштината е дека имавме многу пријателска и одлична средба со господин Џо Бајден на која присуствуваше и госпоѓа Викторија Нуланд (помошник државен секретар за европски и евроазиски работи). Дека тоа е добро не само за нас, туку и за Република Македонија“, појасни Груевски

Истакна дека посетата и средбите што го имаше во Вашингтон претставува уште една потврда на стратешко партнерство со САД, „држава којашто во овие две ипол децении независност ни има многу помогнато и поддржано и ќе нé поддржува и во иднина“.

„Разговаравме за повеќе теми, коишто веќе ги кажав во моја изјава уште во Вашингтон и којашто веќе е проследена во македонските медиуми“, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето договор за реализација на инвестиција со која ќе биде рестартирана поранешната велешка фабрика „Порцеланка“.

Груевски веднаш по средбата со потпретседателот Бајден нагласи дека САД остануваат стратешки партнер кој со Македонија има потпишано Декларација за стратешко партнерство во 2008 година и посочи дека, исто така, било разговарано за повеќе теми, меѓу кои и политичкиот дијалог, реформите, економијата и економската соработка меѓу двете земји, како и за членството на Македонија во Европската унија и во НАТО.

Претходно во понеделникот во рамките на еднодневната посета на САД, Груевски во Вашингтон се сретна со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, како и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.