Половина метар снег на скијачките терени на Кожуф

Од:

Околу половина метар изнесува снежната покривка на скијачките терени на планината Кожуф, информира извршниот директор на компанијата ски-центар Кожуф Ангел Наков, која е со седиште во Кавадарци.

Како што нагласи Наков, се уште нема услови за нормално скијање,  бидејќи патот до центарот е затворен за сообраќај поради свлечишта, а во населбата има триесетина сантиметри снег.

– Поради елементарни непогоди, одрони и свлечишта, патот беше затворен за сообраќај од страна на неколку надлежни институции. Тоа беше заедничка одлука на Јавното претпријатие за патишта, Министерството за транспорт и врски и Државниот инспекторат за транспорт, рече тој.

Наков го пренесе ставот на надлежните дека теренот има сложен геолошки, геомеханички  состав и дека одредени активности за санирање на состојбата се веќе преземени. Направен е стручен увид на лице место и констатирано е дека треба да се преземат дополнителни мерки  и активности кои подразбираат градежни зафати од поголем обем.

– Се надеваме дека проблемот ќе биде надминат најбрзо што може, рече тој, додавајќи дека дотогаш ќе се нудат  само пакети за “free ride“ скијање.

Според Наков ќе има само помали организирани групи кои до врвот ќе бидат качувани со ратраци со специјални кабини,  а ќе скијаат по недопрени скијачки падини. – Тоа е задоволството кое можат да си го дозволат само напредни скијачи и сноубордери, појасни  Наков.