Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ веќе не верува во независноста на Катица Јанева

Од:

ВМРО-ДПМНЕ веќе не верува во независноста на Катица Јанева и изразува сериозна резерва кон секој чекор кој таа ќе го преземе во иднина, како во поглед на нејзината непристрастност, така и во поглед на законитоста на нејзините дејствувања.

Ова попладнево на прес-конференција го изјави Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ откако некои медиуми објавија дека специјалната обвинителка Катица Јанева побарала до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 мерката притвор на поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски осомничен во случајот „Пуч“ да биде заменета со гаранција.

Според него, одлуката на Јанева да не побара продолжување на притворот на Зоран Верушевски „е скандалозна, неправична и многу опасна“ и со неа Јанева нанела „непроценлива штета на правниот поредок во Република Македонија на правната пракса“.

– Она што Зоран Заев го нарача и го нареди, Верушевски да се ослободи од притвор, Катица Јанева го исполни. Срамна и жална е леснотијата и ароганцијата со која Јанева поданички и додворувачки побрза да му удоволи Заев… Се потврдија сите информации во јавноста за тесна врска и координираност помеѓу Јанева и Заев, како и дека Јанева и ќе делува строго по партиска наредба на СДСМ, рече Милошоски.
Тој додаде дека Јанева ќе биде директен соучесник во противправни и кривични дела доколку Верушевски избега и, како што рече, таа ќе биде соучесник во кривични дела доколку Верушевски располага со незаконски стекнатите материјали.