Советникот на Град Скопје од редовите на владејачката партија, Александар Бичиклиски веднаш по прес конференцијата на Драги Давчевски рече дека граѓаните на град Скопје плаќаат најевтина вода во однос на градовите во поранешна Југославија и на Балканот, односно 17,25 денари за домаќинството.
– Со одлука на градот на 2007 година, намалена е цената на водата на Град Скопје. Исто така, треба да знаеме дека ако направиме споредба, цената на водата во Скопје е поевтина од сите градови во Републиката. Во сите останати градови во поранешна Југославија и на Балканот, цената на водата е двапати до трипати поскапа од цената на водата во Градот Скопје. Република Македонија има најевтина вода за пиење, рече Бичиклиски.
Тој тврди дека Рудници и Железница АД Скопје е инвеститор со сите дозволи, а Град Скопје и ЈП Водовод и Канализација се приклучиле како инвеститори во периодот во 2001 година.
– Кога говориме за РЖ, Советот на Град Скопје донесе одлука за која сите се согласивме дека треба да се испита и да се добие информација за тоа каков договор е направен со РЖ, за Градот да може да го реши проблемот, рече Бичиклиски.
Советникот на Град Скопје од СДСМ, Драги Давчевски реплицираше тврдејќи дека цената на водата во Скопје не е 17 денари, туку е 30 денари за домаќинствата, а 70 денари за фирмите.
Според него, со приватизацијата на Рудници и Железница АД Скопје, фирмата мора да го почитува законот за вода.
– Од каде ја извади Бичиклиски цената од 17 денари јас не знам. А тоа дека заедничко вложување имале ЈП Водовод и Канализација и РЖ тоа е точно, меѓутоа тогаш Рудници и Железарница е во општествена сопственсот. Со приватизацијата на РЖ треба да се почитува законот за вода, каде што е кажано дека сопственици се Државата и Градот Скопје, вели Давчевски.
Александар Тодески