(ВИДЕО) Чаусидис: Уценети новинари не можат да бидат професионални, мора да има колективен договор

Од:

Најмалата плата за новинарите да биде колку што е државниот просек – околу 20 000 денари, да се плаќа и времето што новинарите, снимателите, фоторепортерите и другите вработени во медиумите, го работат надвор од работните часови, редакциите да се согласат со назначување на уредникот, да се заштитат на авторските права, да се установи минимален број вработени во еден медиум, да се спречи структурен мобинг – ова се дел од барањата што Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) ги вклучи во предлогот за колективен договор за новинарите и медиумските работници.

– Позицијата на Синдикатот во однос на слободата на новинарството и слободата на медиумите е многу јасна: Се додека новинарите и медиумските работници, работат уценети со плати, со откази, со деградирања, со казни – тие нема да произведат слободен, професионален, балансиран производ кој што соодветствува на уставната определба на Македонија како држава, според која јавноста има право да знае, рече Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.

ССНМ го подготвува предлогот на колективниот договор речиси една година, консултирајќи голем број вработени во медиумската сфера. По ова, Синдикатот почнува со лобирање кај работодавачите, за кои, синдикалците велат дека и нив им ќе им одговара да се регулираат правата и обврските. ССНМ како негативне пример го истакна колективниот договор за МРТ од јули 2015, во кој се предвидени казни од 30 отсто од платата на вработениот, што според ССНМ е невалиден колективен договор што може да се оспори на суд.

– Дојдовме во ситуација нашата професија да биде омаловажена, дискредитирана, понижена, а ние сега треба да и го вратиме достоинството, но не со закон зошто законот го носат политичарите, а тие не се заинтересирани за нашите позиции. Сега имаме готов документ со кој ќе тропнеме на врата кај работодавачите за да ги регулираме односите. Новинарите се најзаинтересирани да работат во силни, успешни и профитабилни медиуми, вели Чаусидис.

А.Б.