Министерството за здравство денеска соопшти дека ги презема сите потребни мерки за испитување на причините кои во текот на вчерашниот ден довеле до смртен исход на родилката и нејзиниот плод во Општа болница Гевгелија.
По налог на Министерството, веднаш, денеска, е формирана Комисија за стручен надзор, и таа веќе започнала со својата работа со цел целосно од стручен аспект да се испита целокупниот тек на интервенцијата.
– Министерството за здравство од Општа болница Гевгелија е известено дека синоќа, во тек на изведување царски рез, настапила смрт кај родилка и нејзиниот плод. За жал реанимацијата на мајката и плодот биле неуспешни. Во текот на породувањето, покрај гинеколози биле присутни и анестезиолози, неонатолози и интернисти, се наведува во соопштението.
Од страна на директорот на болницата е повикана полиција и е известено Јавното обвинителство, согласно законските прописи. Телата се предадени на обдукција во Судска медицина. Земени се изјави од сите лекари согласно законските прописи, а од двајцата гинеколози и анестезиолози е земена и крв за утврдвање присуство на алкохол и недозволени супстанци.
По добивање на резултатите од обдукцијата, како и стручнот надзор ќе бидат преземени соодветни мерки, во согласност со законската регулатива.
Воедно, Министерството за здравство изразува сочувство до семејството за трагичниот настан и за загубата на два живота.