Претседателот на Советот за јавни обвинители, Петар Анески, рече дека обвинителствата низ Македонија за пред колапс и дека затоа е преполовен бројот на обвинителите предложени од Катица Јанева. Советот одлучил дека седум обвинители се доволно да одговорат на предметите поврзани со прислушуваните разговори.
Според имињата на избраните кандидати, од листата отпадна обвинителката Лиле Стефановска, која предизвика најмногу реакции во јавноста како потписник на контроверзни обвинителни акти. Во тимот се најдоа: Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомиир Лапе, Марија Ѓоргева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.
Во планот е предвидено Јанева да формира седум тима. Од тие причини Советот ја определил бројката од седум обвинители.
-Според планот на специјалната јавна обвинителка имате 30 телохранители, 30 за правосудна полиција, 30 стручни соработници, сметаме дека тоа е сосема доволно. Одредени обвинителства се наоѓаат пред колапс. На пример јавното обвинителство во Киченов, во Битола, во Гостивар има 1000 предмети кои се заостанати. Скопското јавно обвинителство е во многу лоша состојба. Три години зборуваме за ова. До Министерство за правда се обратив писмено. Алармирав претходно дека немаме луѓе и дека одредени обвинителства се пред колапс, дното го достигнаа. Оваа состојба предизвика да го намалиме бројот и овде – изјави тој.
Бројот на обвинители е изгласан според бројот на предмети кои Јанева треба да ги добие, овој број, рече Аневски, бил определен по разни параметри.
-Според бројот на предмети кои ги имаме во предвид, кои се сега во работа и кои ќе преминат кај специјалната обвинителка, сметаме дека се доволен број на јавни обвинители. Во самите финансиски планови се кажува дека оваа бројка не е конечна, бројот може да се зголемува или намалува. Одлуката не е конечна – посочи тој.
Што се однесува до финансискиот план, Анески рече дека имало чудни барања. Членовите гласале тајно. На седницата присуствувале претставници од ОБСЕ.