Викиликс нуди 50.000 долари за снимка од бомбардирањето на Кундуз

Од:

Интернет сајтот „Викиликс“ денеска понуди парична награда од 50.000 долари за видео снимка на нападот или аудио снимка од кокпитот на американскиот воен авион што ја бомбардираше болницата на организацијата „Лекари без граници“ во авганистанскиот град Кундуз.

„Нудиме награда од 50.000 долари за видео снимка, аудио снимка од кокпитот, извештај за инцидентот и други релевантни материјали, како што се Правилата за употреба на сила, што беа во сила во тој момент“, објави „Викиликс“, а пренесе „Раша тудеј“.

Американски бомбардери „АЦ-130“ на 3 октомври дури еден час ја гаѓале болницата во Кундуз, која ја раководи меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“, а притоа животот го загубија 22 пациенти и членови на персоналот.

„Бомбардерот „АЦ-130“ ги снима своите напади со помош на камери со висока резолуција. Како што налага воената процедура, овие снимки треба да се сочуваат заедно со аудио снимката од кокпитот. Исто така, треба да се нареди изработка на извештај за спроведената истрага“, соопшти „Викиликс“.

Командантот на американските и коалициските сили во Авганистан, генерал Џон Кемпбел, во вторникот изјави дека американските авиони по грешка ја нападнале болницата во Кундуз.

Американскиот претседател Барак Обама вчера и телефонирал на претседателката на хуманитарната организација „Лекари без граници“. (МСФ) Џоан Лиу и и упатил извинување заради бомбардирањето на болницата МСФ во Кундуз, соопшти Белата куќа.