Димовски: Заев даде збор за закон против објавување на „бомбите“

Од:

Не сум бил присутен на средбата но присутни биле 20-тина луѓе пред кои Заев дал збор дека до 20-ти октомври во Собранието ќе биде донесен Закон со кој ќе се забрани злоупотребата на прислушуваните разговори, рече пратеникот од ВМРО-ДПМЕН Илија Димовски, по тврдењата од СДСМ дека за ваков закон не е разговарано ниту дискутирано.

Според Димовски овој закон бил договорен во пакет со законот за специјален јавен обвинител.

Наводно лидерот на СДСМ Зоран Заев се согласил во присуство на амбасадорите од САД и ЕУ и претставниците од политичките партии.

„Секој обид на СДСМ да го демантираат својот претседател е нивна внатрешна работа. Но обврската е преземена од претседателот на СДСМ и сметаме дека треба да се почитува. Неточни се тврдењата дека некој се плаши или бега од овие материјали. Целта е да се забрани нивна злоупотреба, да се заштити правниот поредок и да се заштитат оние граѓани кои можат да бидат уценувани, да бидат присилувани или да бидат под закана. Намерата е да се заштитат човековите права“, рече Димовски.

На прашање дали со овој закон се потврдува автентичноста на разговорите, Димовски негираше и повтори дека материјалите се креирани, лепени и ставани во контекст за СДСМ со црна кампања да придобие глас повеќе.

Новинар кој бил прислушуван и кој добил транскрипт му потврди на Димовски дека разговорите биле автентични. На тоа Димовски одговори дека го почитува личниот и политичкиот став на новинарот.

Маја Васева