Катица Јанева, на која падна изборот за специјален обвинител и која треба да ги реши аферите „Пуч“ и „Прислушување“ е родена на 09.02.1965 година. Дипломирала на Правен факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1989 година. Правосудниот испит го положила во 1996 година.
Во 1998 година се вработила како професионален соработник во Основен суд Гевгелија. Во 2003 година е избрана за заменик Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Гевгелија. На оваа функција се наоѓа до денеска.
Учествувала на заеднички студиски престој со други судии и јавни обвинители од Република Македонија во разни институции во Сицилија во 2008 година, како дел од проект за борба против организиран криминал и корупција.
Била дел од округла маса во 2012 година во Србија организирана за судии и јавни обвинители од балканските земји за размена на искуства во функционирањето на правосудството и јавните извршни канцеларии. Во 2013 година била на студиски престој во САД, на обука за Закони за кривична постапка.
Јанева била партиципиент во проектот финансиран од ОБСЕ за подготовка на Правилник за евалуација и проценка на јавните обвинители, кои се спроведени со новиот закон за јавна постапка на Република Македонија кој се уште не е усвоен во Собранието на РМ.
Член е на работна група избрана од Здруженито на јавни обвинители на РМ за нацрт закон за јавна постапка. Во 2014 година нејзиниот проект со наслов „Алтернативи на затворските осуди, општествено корисна работа и други мерки“ е прифатен од Амбасадата на САД во Скопје.
Таа е актуелен предавач на Академијата за судии и јавни обвинители на РМ.