Средношколскиот пленум вечерва организира јавен собир пред МОН

Од:

Средношколскиот Пленум ги повика граѓаните да им дадат поддршка на јавниот собир во паркот на новинарите наспроти Министерството за образование, вечерва во 18 часот.

-Се надеваме дека Министерството овој пат ќе ја сфати нашата сериозност и конечно ќе реши да соработува. За таа цел на 1 септември во 18 часот, ве повикуваме на јавен собир во Паркот на новинари кој ќе биде проследен со алтернативни предавања, панел дискусија и уште многу други активности.Говорниците и целосната агенда ќе бидат објавена наскоро. Да им покажеме дека сме посериозни, посложни и похрабри од било кога!, велат од Пленумот.

На вечерашнава панел дискусија ќе говорат: Иван Јованов, од ,,Младите Можат”, Ивана Туфегџиќ, граѓански активист, Огнен Јанески, граѓански активист, Теано Кардула од Средношкоски пленум и Никола Писарев одграѓанска иницијатива ,,Го сакам ГТЦ”, потоа е најавена музичка програма со Мирко Попов

Минатата учебна година 18 илјади средношколци од цела Македонија ја блокираа редовната настава во училиштата, а освен блокада на наставата, дел од скопските средношколци три недели кампуваа во паркот наспроти ресорното министерство со надеж дека надлежните ќе ги прифатат нивните аргументи за стопирање на реформите во образованието.

Барањата на средношколците се во текот на наредните 4 години да се полага стариот концепт на државна матура, а за тоа време работните групи да го усовршуваат новиот модел кој би се применил за следните генерации.

Второто барање на средношколците е екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата, но Владата го одби и ова барање и децидно одговори дека преговорите престануваат.