„Ленка“ апелира за можноста од предизборни манипулативни потфати

Од:

Движењето за социјална правда „Ленка“ апелира до јавноста за можноста од предизборни манипулативни и популистички потфати како на власта, така и на опозицијата. Затоа, во овој политички кризен период, ДСП „Ленка“, како политичка организација, се залага за следново:

1. Во однос на договорените услови за наредните парламентарни избори, сметаме дека најголем проблем е изборниот модел кој се практикува во Р. Македонија која е поделена на шест изборни единици. Овој модел ја попречува појавата и освојувањето пратенички места на помалите партиии воопшто не ја одразува вистинската волја на граѓаните во однос на нивното претставништво во народното собрание. Затоа ДСП „Ленка“ бара итно воведување на НОВ ИЗБОРЕН МОДЕЛ и прогласување на целата територија на РМ за една изборна единица, кадешто распределбата на мандатите за пратеници во Собранието ќе биде соодветна на процентот на освоените гласови од гласачите; кандидатските листи да бидат отворени и да се воведе императивен (лимитиран/отповиклив) пратенички мандат за народните претставници. Сметаме дека ваквите промени на изборното законодавство ќе овозможат да се спречи етнизацијата на политиката, на која последниве години играа сите политики партии, а која е главен извор на политичките и безбедносни кризи на општетсвото во целина. Со конечно надминување на етничкиот дискурс на политичките програми ќе се овозможи насочување на програмски решенија кон економската и социјална благосостојба на граѓаните.

2. Во врска со укинувањето на законот за хонорарците нагласуваме дека сè уште пости класниот проблем на прекаријатот, како неосигурани работници и високите неоданочени хонорари на менаџерите. Во врска со ова ДСП „Ленка“ уште одамна има подготвено оперативен документ како најдобро можно решение за еден ваков проблем (и истиот може да се најде на нашата веб-страна под наслов Левичарски изгледи за решавање на проблемот со хонорарците).

3. Што се однесува, пак, до идејата за трет „Албански универзитет во Скопје“ сметаме дека таа е чисто популистички акт на владеачката партија ДУИ, која по којзнае кој пат на албанското работништво сака да му ги разбуди етничките страсти, а да ја занемери неговата исклучително лоша класна состојба. На Скопје и Македонија им требаат добри, квалитетни и пристапни т.е. бесплатни универзитети и образовни институции, а не културни установи од типот на албански или македонски!