„Солидарност“ бара поправеден изборен систем

Од:

Левичарското движење „Солидарност“ бара, како што вели „сегашниот несоодветен изборен систем да се замени со порепрезентативни и поправедни модел и регулатива, кои ќе претставуваат цврсти столбови на демократската иднина на државата“.

„Следните месеци ќе бидат пресудни за нивната изградба, а таа изградба мора да биде транспарентна, вклучувачка и легитимна, а не предмeт на пазарања на ВМРО–ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА! Праксата на договарање решенија зад затворени врати во изминативе години се покажа како поразителна за демократијата, штетна за стабилноста и несоодветна за интересите на мнозинството граѓан(к)и. Единствени кои профитираат од ваквата пракса се четирите големи партии и нивните лидерства.

Затоа, со цел утврдување најправеден изборен систем во македонскиот контекст, повикуваме на итно и суштинско вклучување на поширок спектар на актери: останати политички партии и организации, индивидуални експерти, иницијативи и организации кои работат на прашања во оваа област“, се вели во соопштението.

Движењето гледа знаци дека следните избори во досегашниот формат само би ја продолжиле „погубната политика“.

„Во овој период, алармирани од можноста повторно да се организираат избори кои само ќе ја продолжат погубната политика и ќе го зацементираат хибридниот режим, тим на „Солидарност“ во соработка со надворешни експерти работи на изготвување детална студија со конкретни барања и предлози за промена на моделот во интерес на големиот број непретставени граѓан(к)и. Ние на овој процес гледаме со посебна сериозност, затоа што од него директно зависи (ре)демократизацијата на Македонија.

Во меѓувреме едно е сигурно: Постојните модел и регулатива имаат голем удел во генерирањето на тековната политичка криза во Македонија. Овој изборен модел е модел на големи политички партии кои се борат за етничкиот глас, а не модел на еднакви граѓан(к)и и политички плурализам! Постојат повеќе недостатоци на актуелниот изборен модел, кои е неопходно да се земат предвид при дискусиите“, порачува „Солидарност“.

Левичарското движење вели дека сегашниот модел ги фаворизира партиите, а целосно ја истиснува можноста за остварување значителни резултати на изборните листи и на поединците.

„Прво, тековните модел и регулатива фаворизираат исклучиво партии. Независните кандидати и граѓанските листи се во старт онеспособени со високиот праг на потребни потписи и релативно кусиот рок за нивно собирање (при што тие треба да се соочуваат со локални бирократски лавиринти). Имено, за разлика од партиите на кои законскиот минимум за учество на избори е илјада потписи од целата територија на државата, тој минимум на граѓанските листи е илјада потписи по изборна единица. Уште едно обесхрабрување на разногласието и граѓанските иницијативи е буџетската поддршка која им се пружа на партиите во зависност од освоени гласови на изборите, а истата не постои за граѓанските листи, без оглед на бројот на освоени гласови. Дополнително ограничување на граѓанските листи постои во поглед на симболичкото означување – тие го носат името на носителот на листата.

Второ, со употреба на Д’Онтовата формула при алоцирањето пратенички места, изборниот модел неизбежно е наклонет кон поголемите партии. Така, многу партии може да освојат релативно голем број гласови, а да не влезат во Парламентот. На секои избори во Македонија има огромен број дадени, но непретставени гласови. Токму затоа помалите партии најчесто завршуваат претопени во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, како единствен начин да имаат свои претставници во законодавниот дом. Ова е погубно за плуралитетот на мислења, како и за претставеноста на гласот и интересите на голем дел од граѓан(к)ите кои не се поддржувачи на една од големите партии. Монополизацијата на политичкиот простор од големите партии придонесува кон негувањето на политички клиентелизам и целосната партизација на институциите и општеството.

Трето, актуелниот модел оневозможува развивање на директна врска помеѓу граѓан(к)ите и пратениците како нивни претставници. Со затворените листи, „работодавач“ на членовите на Парламентот не е народот, туку партиите кои ги номинирале. Така, парламентарците полагаат отчет пред партиите, а не пред електоратот. Тоа што изборот на народните претставници всушност е во рацете на партиските лидери е директна пречка во охрабрувањето на граѓанките и граѓаните како активни политички субјекти. Промената на овој аспект на изборниот модел дополнително може да помогне и во внатрепартиската демократизација.

Четврто, сегашните поставеност и структура на изборните единици поттикнуваат првенствено етничко гласање. Во ваков систем, партиите пред сѐ се обраќаат на етничките заедници како чии застапници се претставуваат. Етничката хомогеност или доминација во една изборна единица не остава простор за надетнички кампањи и интереси и борба за гласот на секој граѓанин. Во контекст на другите гореспоменати проблематични аспекти, актуелниот модел ги остава помалите етнички заедници непретставени или инструментализирани за коалициски цели. Севкупно, овој изборен модел придонесува кон тоа Македонија да остане етнички поделено општество.

Петто, еден од најпогубните аспекти на моменталниот начин на функционирање на нашето општество е уништувањето на јавниот простор и јавната сфера во која се овозможува политичка дебата. Оттаму, неопходно е МРТВ како јавен сервис да обезбеди простор за задолжителни ТВ дебати со претставници на сите партии и граѓански листи. Неопходно е и да им се обезбеди еднаква застапеност на сите, без исклучок, за политичкиот маркетинг да не остане привилегија само на оние со пристап до ресурси“, елаборира „Солидарност“, порачувајќи дека тоа се само дел од проблемите „кои мора да бидат решени за воопшто да можеме да се надеваме на скорашна демократска промена во Македонија“.