Солидарност: Борбата за правата на хонорарните работници продолжува!

Од:

Левичарското движење „Солидарност“ со недоверба гледа кон последните обиди на нелегитимната власт за спасување преку политика на „пиши-бриши“ законодавство и порачуваме – џабе им е, прочитани се!

„Законските измени со кои хонорарните работници требаше да плаќаат придонеси за социјално осигурување беа донесени со цел да се пополнат буџетските дупки кои ги направи неодговорното трошење на Владата. По една година јавен револт и критики кон ваквиот потег, Владата ги укина овие законски измени. Изговорот беше дека тие донеле минимални приходи, од само 4 милиони евра. Измените беа укинати на ист начин како што беа и донесени – среде лето, без дебата, набрзина, во обид да се скрие уште еден голем срам на нелегитимната власт.

Нека нема дилема – укинувањето на законските измени за хонорарците е класичен предизборен маркетинг, чија единствена цел е купување на што е можно повеќе гласови. Изминатава година, ние од ЛД „Солидарност“ заедно со многу други организации и поединци и поединки гласно говоревме и бевме на улиците барајќи укинување на плаќањето придонеси на хонорари. За целото ова време, Владата беше глува за нашите аргументи и одговараше со навреди и омаловажувања. Затоа и не го славиме денес укинувањето на законските измени, и воедно, даваме поддршка на сите кои ќе бараат обесштетување од срамните, сега веќе укинати одредби!

Во периодот кој доаѓа, ќе продолжиме да работиме со ист интензитет за решавање на суштинските проблеми со кои се соочуваат хонорарните работници. Хонорарците сѐ уште имаат проблем да ги остварат правата на социјално осигурување и ги немаат истите работнички права како лицата во редовен работен однос. Нивниот проблем не се само ниските примања, туку и неизвесноста на работата под договор преку која газдите уценуваат и експлоатираат.

Нашите предлози за решавање на суштинските проблеми на хонорарните работници се следниве:

Зголемување на инспекциските контроли, со цел спречување на праксата постојано вработените лица да бидат злоупотребувани преку праксата на хонораризирање на трудот преку договори на дело и авторски договори;

Воведување на универзална покриеност со здравствено осигурување за сите граѓани и граѓанки на Република Македонија, независно од тоа дали лицата плаќаат придонеси или не;

Воведување на гарантиран минимален приход, со цел и оние лица кои не остваруваат право на пензија да остваруваат одредени приходи кога нема да можат да работат.

Но за да се остварат овие предлози, потребни се радикални и коренити промени во сите сфери на владеењето, а не „пиши-бриши“ законодавство. Токму затоа, проблемот на хонорарците ќе мора да го решава нова, легитимна власт, која во Македонија ќе ја имаме само после долг процес на (ре)демократизација. Во моментов, политичките елити се грижат единствено за моќ и за одржување на своите клиентелизми и немаат ниту капацитет, ниту интерес да се занимаваат со реалните проблеми на македонските граѓани и граѓанки.

Токму затоа, гласно извикуваме: НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР! Остануваме заедно, до крај, со хонорарците и сите граѓани на Македонија кои секојдневно се соочуваат со егзистенцијални проблеми, политички притисоци и неизвесна иднина! Само со заедничко делување, гласно и самоорганизирано ќе се избориме за своите права и ќе го изградиме новото слободно, демократско и социјално праведно општество!“, стои во реакцијата на Солидарност.