Одредбите од политичкиот договор за надминување на кризата мора да се исполнат со цел Македонија во октомври да добие позитивен извештај и да се приближи кон ЕУ и НАТО. Сега не е време да се праша кој, туку што и како се подготвени да сработат заедно за стабилна Македонија со внатрешна кохезија без разлика на промените на политичката сцена. Сите што ќе работат поинаку ќе платат политичка цена, порача Алојз Петeрле, копретседавач Бирото на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ.
Тој на денешната прес-конференција порача дека е важно во наредните неколку месеци да се спроведе она што е договорено, а за тоа, како што рече на Македонија ЕУ ќе и понуди и политичка поддршка и експертска помош.
Петерле не сакаше да изнесува, како што рече, песимистички прогнози за евентуална можност на блокирање на политичкиот процес, само посочи дека такво нешто не може да донесе ништо добро за земјата и оти тоа не е решение за настанатиот проблем.
– Никој не беше задоволен од блокадата на политичкиот дијалог во земјата. Не гледаме индикации за блокирање на постигнатиот договор. Двете страни досега позитивно се изразија за постигнувањето на договорот и мислам дека кредибилтетот на оние кои се вкчлучени е во прашање, посочи европратеникот Петерле по 12-тиот состанок на Бирото на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ.
Запрашан за можноста да се деблокира пристапниот процес на Македонија во Унијата, Петерле истакна дека на денешниот состанок не зборувале многу околу тоа прашање, туку како да се задржи добриот статус и оценката на ЕК, пренесе МИА.
– Многу од нас сметаат дека овој момент е добар за деблокирање, но секако не сме тие што можат да го направат тоа, рече Петерле.
Во врска со проблемот со мигрантите со кој се соочува Македонија, како и други земји од Европа, Петерле истакна дека солидарноста со Македонија и помошта за неа би значела дека ЕУ си помага сама себе си.
– Ниту една земја не е подготвена сама да се справи со ова чувствително прашање. Потребна е соработка. Македонија не е само земја кандидат, туку и партнер. Мислам дерка ЕУ ќе обрне должно внимание на ова прашање, рече тој.
Овој проблем, според Петерле, е причина повеќе да се забрза процесот за зачленување на Македонија кон ЕУ и НАТО.
Пратеникот Кенан Хасипи кој исто така е копретседавач со Бирото посочи дека на средбата било јасно искажано очекување за тоа дека ќе се спроведат одредбите од постигнатиот политички договор во предвидените рокови за да се добие позитивен извештај.
– Нам ни останува да ги спроведеме преземените обврски за да можеме повторно да добиеме препорака за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, рече Хасипи.
Членовите на Бирото на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ денеска се состанаа во Собранието на Република Македонија.
Заедно со Петерле во Скопје дојдоа и копретседавачите на Комитетот, Сергеј Станишев и Ангел Џамбаски.
Тринаесетиот состанок на МПК – РМ и ЕУ се очекува да се одржи во октомври, по објавувањето на извештајот на ЕК.