Просечната оценка од полагањето државна матура за 2014/2015 во јунската сесија, по сите предмети и во сите средни училишта во Република Македонија, е 3.37 и е повисока во однос на минатата учебна година кога средниот успех беше 3.11.
Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Мируше Ахмети денеска на прес-конференција ги соопшти прелиминарните резултати од осмата државна матура од полагањето во јуни, според кои има подобар успех по сите предмети од испитот.
По предметот мајчин јазик и литература средната оценка е 3.47 и е повисока од полагањето во 2014 (2.99); математика е 3.19 и е подобра од минатата година (3.04); англиски јазик 3.10 (лани 2.88); кај другите три странски јазици има, исто така, повисок просек 3.54, наспроти 3.43 во 2014.
За разлика од минатите години кога и во прелиминарните резултати беа објавувани просечните оценки за постигнувањата за секој јазик одделно, ДИЦ денеска ги соопшти вкупните просеци за мајчините јазици (македонски, албански и турски) и за странските јазици освен англиски (француски, германски и руски).
Кај другите предмети средните оценки се: филозофија 3.67; естетика 3.81; бизнис 3.43; хемија 3.50; биологија 3.64; физика 3.44; историја 3.52.
