Театрот за деца и млади за утревечер ја најавува премиерата на претставата „Заспаниот разум раѓа чудовиште или Денес не напишав ни збор“ во режија на Владимир Милчин, кој рече дека се работи за претстава која е за нашето време, претстава која боли поради тоа што сме таму каде што сме.
– Претставата има две режисерски фасцинации, првата се сликарот Франциско Гоја и писателот Данил Хармс, кои никогаш не можеле да се сретнат бидејќи двајцата живееле во различни историски периоди, оддалечени илјадници километри, но сепак, во театарот тое е можно. А тоа што го кажуваат нивните животи може да се сублимира во една реченица – времиња се менуваат, меѓутоа владетелите – не.
Историјата на човештвото не оди по права нагорна линија која постојано води кон некаков прогрес, туку таа често се соочува со тоа дека со неа управуваат владетели кои немаат многу разбирање за оние кои за нив, за нивното време и владеење се изразуваат критички. Но, исто како што Хармс и Гоја никогаш не се занимавале директно со реалноста во која живееле и нашата претстава не се однесува директно на реалноста во која што живееме, меѓутоа на еден друг начин кажува и изговара нешто што театарот е должен да го изговори. Сега ќе го земам првиот дел од насловот Заспаниот разум раѓа чудовишта, па би ставил запирка, луѓе сведени на човечиња и сведени на обезличено човечко стадо, тоа е нашата дијагноза за светот во кој живееме, рече Милчин.
Неговата втора режисерска фасцинација бил самиот ансамбл на Театарот за деца и млади.
-Со никој друг ансамбл и никаде не би правел таков ризик, а сега слободно можам да кажам дека тој ризик се исплатеше. Актерите се отворени за работа, љубопитни и сакаат да работат за нешто што на сцената е непознато, вели режисерот Милчин.