Ристиќ „неподобна“, Миленковски избран за нов претседател на синдикатот на Драмски

Од:

Режисерот, Сашо Миленковски, е избран за претседател на синдикатот на Драмски театар откако актерката Ирена Ристиќ била прогласена за „неподобна“ од страна на СОНК. Претходно Ристиќ беше избрана за синдикален претставник на состанок на кој беше предложена од шестмина вработени, а на кој ја изгласаа вкупно 27. Овој пат на состанокот присуствувале 32-ца вработени.

Во меѓувреме до неа стигнало писмо од СОНК каде и било речено дека е неподобна за да го претставува синдикатот. Освен писмото, против неа до СОНК биле поднесени неколку приговори, а за еден од нив Ристиќ вели дека е од новоизбраниот претседател Миленковски.

-Од СОНК добив писмо каде ми велат дека грубо сум го нарушила угледот на Синдикатот со моите активности. Ова е уште еден доказ како функционираат работите. Јас го напуштив состанокот откако не ми беше одговорено на ниту едно прашање, како на пример што е „неподобно“ и како тоа го констатирале – вели Ристиќ која додава дека во меѓувреме биле вршени притисоци за да се саботира нејзиниот избор за претседател.

За време на денешниот состанок вработените реагирале на ваквите дискфалификации од СОНК и за време на состанокот им порачале на претставниците дека не може СОНК да го бира нивниот претставник.

-Имаше отворени и гласни реакции од неколку колеги. Реагираа на наметнувањето на „подобен“ – вели таа.

Сепак додава, Миленковски бил избран од мнозинството присутни членови. Ристиќ изминативе месеци отворено и редовно ја напаѓа актелната влада и се појавува често на антивладините протести поради што се сомнева дека квалификацијата „неподобна“ и се става во политичка конотација како неистомисленик на власта.

Од СОНК велат дека дополнително ќе одговорат со своја изјава на овие тврдења, откако прво претходно ќе се координираат.

-Не сум запознаен со тој случај затоа што во моментов се спроведуваат избори во синдикалните организации во цела Македонија, во тек се изборите на стотици синдикални организации така што дополнително ќе одговориме на прашањата – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.