„Граѓаните за Македонија“ ќе протестираат за правда и одговорност за Мартин Нешкоски

Од:

ПРАВДА ЗА МАРТИН – СЛОБОДА ЗА СИТЕ!

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ го поддржува и се приклучува на протестот „Правда за Мартин – Нема правда, нема мир!“, затоа што, и после четири години од убиството на Мартин Нешковски, власта и надлежените институции упорно ја прикриваат вистината и не ја признаваат сопствената вина и одговорност за неговата смрт.

Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки, в сабота, на 6 јуни, во 18 часот, масовно да излеземе пред Владата на РМ и громогласно да порачаме дека Македонија мора да стане држава во која ќе има правда за сите и во која ќе се почитуваат и штитат основните човекови слободи и права.

Протестираме бидејќи од објавените разговори помеѓу Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Никола Груевски и други лица, јасно може да се забележи дека Игор Спасов, лицето кое го уби Мартин Нешковски, всушност бил службено ангажиран, со усна наредба, спротивно на Законот за внатрешни работи.

Игнорирајќи ги законските прописи и злоупотребувајќи ги своите овластувања, Груевски, Јанкуловска и Мијалков комуницираат како да ја прикријат инволвираноста и одговорноста на МВР и претпоставените старешини на Игор Спасов во целиот случај, со што го нарушуваат текот на истрагата на убиството и предизвикуваат погрешно утврдување на фактичката состојба.

Едновремено, ние – граѓаните, продолжуваме да бараме оставка од злосторничката и криминална владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и ги поддржуваме сите форми на демократски и ненасилен граѓански отпор.

Се додека нема правда, нема ниту мир!