Обраќање до меѓународната заедница.
Почитувани,
Ви се обраќаме во име на повеќе од 80 граѓански организации и активистички групи кои одлучија да се здружат во граѓанска и натпартиска коалиција „Граѓаните за Македонија“ со единствена цел – да им го вратиме општеството на оние на кои им припаѓа, на граѓаните на Македонија.
Ова писмо го пишуваме во пресрет на следната рунда преговори меѓу четирите лидери на најголемите политички партии во Македонија, за разрешување на најдлабоката политичка криза со која Македонија се соочува од нејзината независност. Оваа преговарачка рунда треба да се случи утре (вторник, 02 јуни 2015 година) во Скопје под посредништво на еврокомесарот Јоханес Хан и пратениците во Европскиот парламент: г-дин Ховит, г-дин Кукан и г-дин Вајгл.
Согласни сме дека граѓанскиот сектор во секое демократско општество треба да биде коректив на власта и едногласни сме дека нашето општество веќе не е демократско и дека ги исцрпивме сите методи и дека ги направивме сите обиди да ја вразумиме актуелната власт во Македонија.
Оваа власт одбива да се вразуми и затоа треба да си оди и да ја ослободи државата од заложништво. Немаме веќе време, ниту трпение, ниту верба во оние што досега ја водеа државата, зашто ја водат во пропаст, го трошат богатството на нашата земја и ги бркаат нашите деца во емиграција, во неповрат.
Како фактори кои учествуваат во овие значајни преговори или на кој било начин се инволвирани во оваа криза треба да имате на ум дека ова не е борба меѓу политички партии. Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски, ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија.
Нашата граѓанска коалиција е едногласна дека моќта на која било идна власт мора да се намали и дека мора да се обезбедат услови, поттик и поддршка за активни, гласни и критички граѓани.
Заедно застануваме зад принципот на еднакви можности за секоја индивидуа во нашето општество. Застануваме зад принципите на социјална правда и активна заштита и грижа за човековите права на сите индивидуи, а особено на оние кои им припаѓаат на малцинските и маргинализираните групи. Мора да бидеме солидарни, да се здружиме и да си помогнеме, заради побрзо спроведување на правдата, слобода на медиумите и победа над стравот.
Едногласни сме и дека демократијата, плурализмот и учеството на граѓаните во носењето одлуки треба да ги практикуваме секојдневно, во секој сегмент од општественото живеење, а не само на денот на избори. Ние сме за разноликост и слободно изразување, а не за едноумие. Сакаме слободно општество, а не контролиран живот и исплашени граѓани.
Се залагаме и за суштинско учество на младите и жените во клучните општествени и политички процеси, наспроти обидите на власта за нивно декоративно и манипулативно учество. Младите се и сегашност и иднина и мора да бидат признаени и третирани како партнер во општеството.
Едногласно бараме итно да се формира преодна влада, која ќе обезбеди пречистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот сервис МРТ од контрола на власта, избор на независен Јавен обвинител, како и организирање целосно слободни и демократски избори, кои ќе ја одразат реалната политичка волја на граѓаните на Македонија. Составот на преодната влада е прашање на договор меѓу главните политички партии. Сепак, составот на таа влада треба да ги исклучи сите членови на актуелниот состав на Владата на Македонија бидејќи сите од нив се сериозно компримитирани преку нивните зборови и дела регистрирани во сниманите разговори објавени од опозицијата. Затоа, учеството на кој било член на актуелниот состав на Владата во преодната влада може сериозно да го поткопа кредибилитетот на целиот процес и вербата на граѓаните во праведно разрешување на политичката криза.
Најпосле, би сакале да ги охрабриме напорите на институциите и државите членки на ЕУ за изнаоѓање на излез од хаосот произведен од долготрајните погрешни политички практики на владеачките партии во Македонија. Сепак, ве предупредуваме дека во овој процес треба да водите грижа за демократските и европски вредности, притоа давајќи го максимумот за искоренување на диктаторските, штетни и деструктивни политички практики за тие во иднина да не се повторуваат. Ова е многу поважно отколку да се стремите кон смирување на граѓанскиот револт и враќање на државата во „нормала“ која многу скоро би експлодирала во уште поголема криза.
За крај, при некоја од идните посети на еврокомесарот Хан и европските пратеници инволвирани во преговорите во Македонија, би сакале да оствариме средба со нив со цел да ги аргументираме нашите ставови и да ја понудиме нашата помош.
Со почит,
Граѓански организации и активистички групи од коалицијата „Граѓаните за Македонија“
Испратено до:
Јоханес Хан, комесар за Европска политика на соседството и преговори за проширување во Европската комисија
Ричард Ховит, пратеник во Европскиот парламент во групата на Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи
Едуард Кукан, пратеник во Европскиот парламент во групата на Европската народна партија (Демохристијани)
Иво Вајгл, пратеник во Европскиот парламент во групата на Алијансата на либерали и демократи за Европа
Пратениците на ЕП кои се членови на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија
Координаторите на парламентарните групи во Европскиот парламент
Амбасадорите на државите членки на ЕУ во Македонија
Амбасадорот на Соединетите американски држави во Македонија